Во новото издание на рубриката „Teen-Tok интервју“ разговараме со младиот кошаркар Теон Бошковски, кој уште од најрана возраст го избрал спортот како важен дел од својот живот. Од првите чекори во кошарката, па сè до настапите во дресот на македонската репрезентација, Теон чекор по чекор го гради својот пат во спортот.
Со Теон разговаравме за неговото детство, љубовта кон кошарката, чувството кога го носи репрезентативниот дрес, советот што најмногу му останал во сеќавање, животот надвор од теренот и пораката што ја има за младите кои сонуваат за спортски успех.

1. Каков беше Теон како дете и кога сфати дека кошарката е спортот со кој сакаш сериозно да се занимаваш?
Уште од 6 години играв и фудбал и кошарка, бидејќи ги сакав и двата спорта. На 9 години решив да продолжам со кошарката и целосно да се посветам на неа. Мојот прв кошаркарски чекор го направив во Работнички, а на 14 години сфатив дека навистина сакам сериозно да се занимавам со кошарка и да се обидам да направам нешто повеќе во овој спорт.

2. Што чувствуваш кога го носиш дресот на македонската репрезентација?
Уште од 14 години имам чест да го носам дресот на македонската репрезентација и секој пат кога ќе го облечам, чувството е навистина посебно и тешко може да се опише со зборови.
За мене, репрезентацијата претставува многу повеќе од само кошарка и натпревар. Тоа е чувство на гордост, одговорност и чест, бидејќи знам дека ја претставувам мојата држава.
На секој натпревар за репрезентацијата се трудам да дадам максимум од себе, без разлика на околностите, затоа што секогаш сакам Македонија да ја претставам на најдобар можен начин и да бидам горд на тоа што сум го дал за дресот.
3. Кој е најдобриот совет што си го добил од тренер или поискусен соиграч?
Еден совет што ми го има дадено соиграч е „you vs. you“, односно „ти против самиот себе“.
Тоа за мене значи секогаш да се трудиш да бидеш подобар од тоа што си бил вчера, да работиш на себе и постојано да се надминуваш. Наместо да се споредуваш со другите, најважно е да гледаш како ти напредуваш и секој ден да стануваш подобра верзија од себе.
4. Кога не си на кошаркарскиот терен, како најмногу сакаш да го поминуваш слободното време?
Надвор од кошаркарскиот терен, најмногу сакам да поминувам време со мојата фамилија и со другарите.
Секогаш кога ќе завршам со тренинг или со натпревар, се трудам сè што се случило на теренот да остане таму. Мислам дека не е добро цело време да размислуваш за тоа што се случило на тренинг или на натпревар и да го носиш тоа со себе надвор од теренот.
Затоа сакам слободното време да го поминувам со блиските, да се дружиме, да излегуваме и едноставно да уживам во времето надвор од кошарката. За мене е важно да имам баланс и да бидам присутен и во другите делови од животот.

5. Која порака би им ја испратил на младите кои сонуваат еден ден да станат успешни спортисти?
Мојата порака до младите кои сакаат да станат успешни спортисти е да веруваат во себе и никогаш да не се откажуваат од своите цели.
Ако самиот не веруваш во себе, кој ќе верува во тебе? Треба секогаш да го даваш својот максимум и да продолжиш да работиш, дури и кога работите не одат како што си замислил.
Можеби нема секогаш да стигнеш до нивото што си го очекувал, но најважно е еден ден, кога ќе погледнеш назад, да знаеш дека си дал сè од себе. Тогаш барем нема да жалиш дека не си пробал.




