Teen-Tok интервју: Александра Пижевска: „Најважно е да бидеш свој – луѓето секогаш ја препознаваат искреноста“

Во новото издание на рубриката „Teen-Tok интервју“ разговараме со Александра Пижевска. Таа искрено ни раскажа каква била како тинејџерка, како започнала нејзината приказна на социјалните мрежи, што најмногу ја исполнува во работата како креатор на содржина и каква порака им испраќа на младите кои сонуваат да изградат своја кариера во дигиталниот свет.

Каква беше Александра како тинејџерка?

Александра како тинејџерка беше многу поразлична од Александра денес. Имав неколку блиски другарки и буквално тие ми беа сè – сакав да се дружам само со нив и секој ден го поминувавме заедно. Во тој период постојано се прашував што сакам да работам, во кое поле да се едуцирам и каде навистина припаѓам. Покрај училиштето, кое искрено не ми беше омилен дел од секојдневието, почнав и да работам нешто колку да заработам свои пари. Почнав и да вежбам, но не ги гледав резултатите што ги посакував и често се сомневав во себе. Денес сфаќам дека сето тоа било дел од процесот на пронаоѓање на самата себе.

Aко можеш да и дадеш еден совет на 16 – 17 годишната Александра, кој би бил?

Би ѝ кажала да не се грижи толку многу и да има повеќе доверба во себе. Патот што го избрала е вистинскиот и токму тој начин на живот ќе ја однесе до многу поубави и поголеми работи во иднина. Би ѝ рекла дека секој труд на крајот се исплати, дури и кога во моментот не ги гледаш резултатите. Најважно е да продолжиш да работиш на себе и да не се откажуваш.

Како започна твојата приказна како инфлуенсерка?

Сè започна затоа што чувствував дека имам потенцијал што не го искористувам, енергија што немам каде да ја насочам и желба да споделувам искуства, знаење и позитивни работи со други луѓе. Верував дека можам да помогнам некому што можеби е помлад од мене или помалку искусен во одредена област. Секогаш се сеќавав како јас се чувствував кога бев помала и колку ми значеше некој да ми даде совет или мотивација, па сакав и јас да бидам таква личност за некого.

Што најмногу сакаш кај работата како инфлуенсер, а што најмалку?

Најмногу ги сакам луѓето што ме следат. На мојата платформа секогаш сум своја и мислам дека токму затоа привлекувам луѓе со слични вредности и начин на размислување. Многу ми е драго што имам заедница во која си помагаме меѓусебно, споделуваме позитивна енергија и се мотивираме едни со други. Тоа ми е најголемата вредност од сè што го работам. Она што најмалку ми се допаѓа е што многу луѓе не сфаќаат колку труд, време, енергија и посветеност стојат зад социјалните мрежи. Ова навистина е работа што бара константност и многу вложување за да се изгради публика и доверба.

Која порака би им ја испратила на младите кои сакаат да станат инфлуенсери?

Мојата најголема порака е да бидат свои и никогаш да не се преправаат дека се нешто што не се. Само така ќе ги привлечат вистинските луѓе и сето ова ќе има вистинска смисла. Исто така, мислам дека е важно да имаат јасна цел и причина зошто сакаат да бидат присутни на социјалните мрежи. Дали сакаат да помагаат преку совети за исхрана, шминка, вежбање, мода или нешто друго – важно е да имаат своја мисија и вредност што ќе ѝ ја пренесат на публиката. Кога работиш со искрена намера, луѓето тоа го препознаваат.

Со својата искреност, посветеност и желба да инспирира, Александра Пижевска покажува дека успехот не доаѓа преку ноќ, туку е резултат на континуирана работа и верба во себе. Нејзината порака до младите е едноставна, но моќна – останете свои, работете со јасна цел и не се откажувајте од она во што верувате, бидејќи токму автентичноста е клучот за долгорочен успех.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top