Училиште за цел живот-Психолог Кристина Атанасова

Училиштето не е само место за пренесување знаење. Тоа е една од клучните социјални средини во кои детето ја гради својата личност,развива емоционална зрелост, учи правила и го формира односот кон себе и кон светот.

Првите години од животот детето ги поминува во семејството, во кое се поставуваат темелите на сигурноста, љубовта и припадноста. На првиот училишен ден започнува еден нов психолошки процес, детето почнува да учи како е да се биде дел од поширока заедница. Наставникот станува многу повеќе од некој кој пренесува знаења. Тој е модел, авторитет и, на одреден начин, продолжена рака на родителот.

Моделот на однесување е еден од најсилните механизми на учење. Наставникот кога покажува почит, трпение и емпатија со својот пример на учениците им овозможува усвојување на истите вредности. Комуникацијата на наставникот со разбирање му покажува на детето дека конфликтите можат да се решаваат без понижување и агресија.

Токму тука лежи воспитната улога на училиштето. Во секојдневниот пример што возрасните им го даваат на децата. Училиштето воспитува и кога молчи. Воспитува преку атмосферата во ходниците, преку начинот на кој наставниците разговараат меѓусебно, преку тоа дали детето се чувствува прифатено или охрабрено.

Еден стабилен и поддржувачки возрасен може значително да влијае врз емоционалниот развој на детето.Понекогаш една реченица од наставникот „ВЕРУВАМ ВО ТЕБЕ“ има сила што детето ја памети цел живот.

Родителот го учи детето како да сака, а училиштето како да живее со другите. Родителот ја гради основната емоционална сигурност, а наставникот помага таа сигурност да се претвори во самостојност, дисциплина и одговорност. Затоа наставникот не треба да биде доживуван само како професионалец што пренесува лекции, туку како човек кој учествува во обликувањето личности.

Училиштето создава не само успешни ученици, туку и зрели луѓе. Луѓе што знаат да соработуваат, да покажат сочуство, да преземат одговорност и да се справуваат со животните предизвици. Оценките се важни, но карактерот е она што останува кога ќе заврши образованието. Детето може да заборави некои лекции по некои предмети, но никогаш нема да заборави како се чувствувало во училницата.

Затоа, кога зборуваме за училиштето треба да зборуваме и за односите. За довербата. За човечноста. За тоа дали училиштето е место каде детето се плаши да згреши или место каде учи дека грешките се дел од растењето.

На крајот, вистинското образование не завршува со диплома. Тоа продолжува во начинот на кој човекот комуницира, сака, решава конфликти и се однесува кон другите. А токму тие животни лекции најчесто не се учат од учебник, туку од луѓето што сме ги сретнале по патот.

Затоа училиштето треба да биде училиште за цел живот ,место каде децата не само што учат што да мислат, туку и како да бидат луѓе.

 

КРИСТИНА АТАНАСОВА

ПСИХОЛОГ

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top