Teen Tok интервју со Ирина: Од љубов кон спортот до сопствено фитнес студио

За Teen Tok разговараме со сертифицирана фитнес тренерка, магистер по маркетинг и основачка на FIT MIX STUDIO TROSTJANSKA, која ни открива како спортот од тинејџерска љубов прераснал во професија, зошто физичката активност е важна за младите и како да се најде баланс помеѓу тренингот, здравите навики и уживањето во животот.

1. Како започна твојата љубов кон вежбањето и спортот? Дали уште од тинејџерските денови знаеше дека ова ќе биде твоја професија?

Љубовта кон спортот кај мене започна уште во тинејџерските години. Долги години тренирав кошарка, потоа продолжив со одбојка, а активно се вклучував и во ракометот во училиште. Спортот отсекогаш бил дел од моето секојдневие, но тогаш воопшто не знаев дека еден ден ќе стане и моја професија.

Подоцна преминав на пилатес и аеробик и токму преку овие тренинзи открив колку ми одговараат вежбите со сопствена тежина, динамиката и комбинацијата на различни движења. Така постепено се роди и мојата љубов кон функционалниот тренинг.

Интересно е што никогаш не сум била голем љубител на класично вежбање во теретана, но ваквиот тип тренинг отсекогаш ми бил вистински избор.

Кога требаше да одлучам што ќе учам, имав желба да продолжам во областа на физичката култура, но истовремено ме привлекуваше и економијата. Дури замислував дека еден ден ќе бидам банкарка. На крајот избрав економија, а подоцна магистрирав маркетинг. Се пробав и како банкарка и сфатив дека тоа не е за мене 😊, но затоа се пронајдов во маркетингот, а спортот никогаш не го напуштив.

Денес сум магистер по маркетинг и сертифициран фитнес тренер, а љубовта кон тренингот ја претворив во професија и во моето FIT MIX STUDIO TROSTJANSKA. Можеби како тинејџерка не знаев дека спортот ќе биде мојата професија, но денес знам дека отсекогаш бил дел од мене – само ми требало време да сфатам на кој начин.

2. Тинејџерските години се период кога телото се менува, а самодовербата понекогаш знае да падне. Колку се важни редовниот тренинг и правилната исхрана на оваа возраст?

Тинејџерските години се период во кој се случуваат многу промени – и физички, и емоционални. Затоа мислам дека редовната физичка активност е исклучително важна, но не треба да се гледа само низ призмата на изгледот или килограмите.

Тренингот пред сè треба да ни помогне да се чувствуваме посилно, поенергично и посигурно во сопственото тело. Кога вежбаме, не го тренираме само телото – градиме дисциплина, ослободуваме стрес и правиме нешто добро за себе. Тоа може многу да влијае и на расположението и самодовербата.

Истото важи и за исхраната. На оваа возраст не би зборувала за диети и ограничувања, туку за создавање здрави навики и внесување разновидна и квалитетна храна, бидејќи телото сè уште расте и се развива.

И можеби најважно – не треба постојано да се споредуваме со тоа како изгледа некој друг. Секое тело има свое темпо и свои потреби. Целта на спортот не треба да биде да станеме некој друг, туку да станеме посилна, поздрава и посигурна верзија од самите себе.

3. Твоето студио нуди „Fit Mix“ функционални и кардио тренинзи. Како би им го објаснила овој концепт на младите кои можеби досега немаат вежбано?

FIT MIX е токму тоа што го кажува името – микс од различни видови вежби. Комбинираме функционален тренинг со фитнес и кардио вежби, со цел да го активираме целото тело и да ја подобриме силата, кондицијата, координацијата и издржливоста.

Она што ми е особено важно е што не мора да бидеш во форма за да започнеш. Тренингот може да се прилагоди на секој човек, на неговата возраст, физичка подготвеност и искуство. Затоа во FIT MIX можат да вежбаат различни генерации – од најмлади до повозрасни.

За некој кој досега не вежбал, ова е одличен почеток затоа што не е монотоно и не се сведува само на една машина или еден тип вежба. Секој тренинг е различен, динамичен и постепено те запознава со сопственото тело и неговите можности.

А најубавиот момент е кога после некое време ќе сфатиш дека нешто што на почеток ти било тешко, денес го правиш многу полесно. Тогаш сфаќаш дека напредокот не е само во тоа како изгледаш, туку и во тоа колку можеш.

4. Младите денес поминуваат многу време пред екрани и со училишни обврски. Кој е твојот најдобар совет кога ќе почувствуваат мрзеливост или недостаток на мотивација?

Мојот најдобар совет е – не ја чекајте мотивацијата за да започнете.

Понекогаш токму кога сме најмалку мотивирани, најтешко ни е да станеме од телефонот или од каучот. Но доволно е да направиме само прв чекор.

Не мора секогаш да биде цел тренинг. Излезете на прошетка, возете велосипед, истрчајте неколку круга, пуштете музика и раздвижете се. Најважно е да не останете цел ден во иста позиција.

И уште нешто што често им го кажувам на оние со кои работам – не мора да го сакате секој тренинг и не мора секој ден да бидете мотивирани. Навиката е многу посилна од моменталната мотивација.

Кога физичката активност ќе стане дел од вашето секојдневие, веќе не ја доживувате како обврска, туку како нешто што го правите за себе. А чувството после тренинг или после некоја физичка активност најчесто е најдобрата мотивација да го направите тоа повторно.

5. На твојот профил гледаме многу енергија, патувања и позитивни вибрации. Како да се најде балансот помеѓу здравите навики, тренингот и уживањето со пријателите?

Не верувам дека постои совршен баланс, туку баланс кој е добар за вас.

За мене здравиот начин на живот никогаш не значел да се откажам од патувања, дружења, добра храна или убаво поминато време со луѓето што ги сакам. Напротив, мислам дека сето тоа е дел од здравиот живот.

Тренингот и здравите навики се дел од моето секојдневие, но исто така сакам да патувам, да уживам, да се дружам и понекогаш едноставно да не размислувам дали сум направила сè „совршено“. 😊

Мојот совет до младите би бил да не се оптоваруваат со правила и со идејата дека мораат да бидат совршени. Движете се, хранете се разновидно, спијте доволно, најдете активност во која уживате, но оставете си простор и за забава и спонтани моменти.

Животот не е само тренинг, но мислам дека тренингот ни помага подобро да уживаме во животот. Кога се чувствуваме добро во сопственото тело, имаме повеќе енергија и за сите оние други работи што ни носат радост.

За крај – која е твојата порака до младите кои сакаат да започнат, но сè уште се двоумат?

Не чекајте да бидете „доволно добри“ за да започнете. Започнете со тоа што можете денес.

Не мора да тренирате совршено, не мора да бидете најбрзи и не мора да се споредувате со никого. Пронајдете активност во која уживате и бидете истрајни.

Спортот не треба да биде казна за телото или начин да се вклопиме во нечија идеја за тоа како треба да изгледаме. Спортот треба да биде начин да се чувствуваме подобро, посилно и посигурно во себе.

И најважно – уживајте во процесот. 💪🏻✨

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top