Во преполната сала на Македонска Филхармонија во средата, на 18 март се одржа долгонајавуваниот солистички концерт на Јоце Панов. Вечерта беше исполнета со бура од силни емоции, позитивна енергија и многу изненадувања.
Концертот се одвиваше во динамичен и разигран ритам. Од “Ивана”, преку “Ajmo na more”, па се до најновата необјавена песна “Alkatraz” публиката ги пееше песните во еден глас.
Во еден момент, Јоце се обрати на публиката и замоли за тишина. На видео бимот започна да се емитува видео снимка со исечоци од настапи и фотографии од прерано починатите жртви во трагедијата во Кочани, меѓу кои и Сара Пројковска, која беше придружен вокал на минатогодинешниот концерт на Панов. Кире Костов, Џаро, Зоки Фаци, Тоше Проески, Кили, но и родителите на Јоце беа дел од ангелите кои за жал не се повеќе меѓу нас. Во еден миг, Јоце ја наведна главата и заплака. Публиката направи ѕвездено небо, а Јоце заедно со оркастарот ја отпеа “Го молам ноќва небото да ми те врати” од нашиот Тоше.
Како специјални музички гости на сцената се појавија нашиот Наум Петрески, со кој Јоце ја има дуетската песна “Потроши”, а веднаш потоа на сцената излезе и Сале. вокалот на Тропико бенд, кој го истакна своето задоволство, што со Јоце се запознал случајно, а останал пријател намерно. Потенцираше дека му е голема чест и задоволство што ја дели прекрасната енергија со македонската публика.
Атмосферата доживеа кулминација кога на сцената заедно со Јоце излезе оркестар со труби, а публиката на нозе ја пееше и играше на песната “Briga me”.
Од ПР Тимот на Јоце Панов ни истакнаа дека во подготовки се на нови концерти во поголемите градови во земјава. Што ново не очекува од овој македонски пејач, останува да видиме. Од досега приложеното, оправдано е да очекуваме и најдобро и најквалитетно истовремено.




