Како да се направи вистинскиот избор на професија?

 

Изборот на професија е една од првите големи одлуки со адолесцентите се соочуваат во животот. Во средношколските години, помеѓу тестови, пријателства и соништа, често се поставува прашањето: „Што сакам да бидам?“ или Каде да го продолжам своето образование? За некои одговорот доаѓа лесно, но за многумина тоа е извор на дилеми, стравови и притисоци. Многу е важно да се потенцира, не постои совршен избор, постои избор кој најмногу одговара на личноста во одреден момент од животот. 

Многу е важно младата личност да се запознае себе. Своите интереси, вредности, способности и карактер се клучни фактори при изборот на професија. Да се запраша: Што ме исполнува? Во кои активности губам перцепција за време? Дали сакам да работам со луѓе, со бројки, со креативни идеи или со технологии? Одговорите на овие прашања се основа за донесување информирана одлука. 

Интересот сам по себе не е доволен. Треба да се размислува и за иднината. Светот на професиите постојано се менува. Некои професии исчезнуваат, други се појавуваат. Затоа е важно да се обрне внимание на вештини кои ќе бидат потребни во иднина: критичко размислување, комуникација, дигитална писменост, адаптибилност.  

Честа грешка кај младите е изборот да се темели на туѓи очекувања ,на пример, „ова е престижно“, „ова носи пари“, или „сите мои другари го избираат тоа“. Иако овие фактори не се безначајни, тие не треба да бидат единствената причина. Професијата не е само начин за заработка, таа е дел од идентитетот на личноста и нејзиното секојдневие. Ако не се пронајде во неа, со тек на време може да се почувствува незадоволство, па дури и стрес.

Тука доаѓа и улогата на родителите. Родителите секогаш сакаат најдобро за своите деца, но понекогаш нивните очекувања можат да создадат притисок. Важно е родителите да бидат поддршка. Констатациите како „треба да станеш доктор“ или „оваа професија нема иднина“ често се случува да делуваат како притисок. Во знак на поддршка, родителите е најдобро да поставуваат прашања, да слушаат и да охрабруваат. Кога млад човек чувствува дека има простор да размислува, макар и да згреши, тој носи позрели одлуки.

Од друга страна, младата личност потребно е да објасни што ја интересира и зошто. Да ги сподели своите дилеми. Понекогаш разговорот може да отвори нови перспективи. 

Изборот на професија не треба да биде извор на паника, туку процес на откривање. Младата личност треба да си дозволи време да истражува. Наместо да бара „совршена професија“, потребно е да бара насока која мотивира и дава чувство на смисла. 

Средношколецот треба да знае,неговиот живот не е трка со другите, туку патување кое го гради сам. Изборот на професија е само еден чекор ,важен, но не и конечен. Младата личност има право да истражува, да учи и да го најде својот пат. 

 

КРИСТИНА АТАНАСОВА 

ПСИХОЛОГ

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top