Верстапен во новата сезона со бројот 3, Норис го зеде бројот 1

Холанѓанецот Макс Верстапен ќе го вози болидот на Ред Бул со својот омилен број 3 во следната сезона во Формула 1, откако поранешниот клупски колега Даниел Рикардо му дозволи да го користи тој број, додека Ландо Норис одлучи да го земе бројот 1 како актуелен светски шампион.

Кога влезе во светот на Формула 1 во 2015 година како член на тимот на Торо Росо, Верстапен не можеше да го земе бројот 3, бидејќи во тоа време го користеше Рикардо, кој возеше за Ред Бул, па Холанѓанецот одлучи да се натпреварува со бројот 33.

Го задржа тој број до 2022 година, кога го замени со бројот 1, откако ја освои првата од четирите последователни титули во светските шампионати. Во новата сезона, бројот 1 ќе го носи на својот Мекларен новиот светски шампион, Британецот Ландо Норис.

Правилата наведуваат дека бројот мора да биде надвор од Формула 1 две години пред друг возач да може да го земе. Рикардо последен пат го користеше во 2024 година, кога возеше за Рејсинг Булс, а откако се пензионираше од Формула 1, му даде дозвола на Верстапен да го користи бројот 3.

„Мојот омилен број отсекогаш бил 3, освен бројот 1. Сега можеме да се префрлиме, па ќе биде број 3“, рече Верстапен.

„Бројот 33 беше добар, но едноставно една тројка ми е помила отколку две. Секогаш велев дека претставува двојна среќа, но веќе имав доволно среќа во Формула 1“, додаде Холанѓанецот.

Единствените возачи кои го освоија светското првенство во Формула 1 додека се натпреваруваа со бројот 3 беа Жак Вилнев во 1997 година и Михаел Шумахер во 2000 година, објави motorsport.com.

Освен Верстапен, само уште новиот светски шампион Ландо Норис ќе го промени својот број за новата сезона, кој не мораше да го стори тоа. Обврската светскиот шампион да го носи бројот 1 на автомобилот беше укинат во 2014 година.

„Тоа е традиција, постои со причина. Сите ние како тим, кои имаме улога во Мекларен, ќе го носиме со гордост. Тоа е почит кон сите мои механичари, моите инженери, секој што е дел од Мекларен. Гордост е за нив, знаејќи дека вложиле многу работа и труд во сè, можам да кажам – ние сме број 1“, рече Норис.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top